Афроамериканците не се единственото малцинство кое на 20 јануари се радуваше на инаугурацијата на Барак Обама. Меѓу нив беа и левучарите, бидејќи новиот американски претседател е еден од „нивните“ кој е повторно во Белата куќа.
- Јас сум леворак. Ќе морате да се навикнете на тоа, изјави Обама потпишувајќи ги првите официјални документи пред новинарите.
Барак Обама е првиот црномурест, но не и првиот леворак американски претседател. Пред него тоа беа Џими Картер, Џорџ Буш Постариот и Бил Клинтон. Роналд Реган беше подеднакво и левучар и деснорак, па затоа беше припадник и на двата „табора“, додека претходникот на Обама, Џорџ Буш Помладиот, пишувал исклучиво со десна рака.
На последните претседателски избори во САД, левучарите во секој случај ја освоија Белата куќа, бидејќи и противкандидатот на Обама, републиканецот Џон Мекејн, исто така, е припадник на „клубот“ на левучарите.
- Не изненадува што многу американски претседатели од поблиското минато се левучари. Луѓето кои пишуваат со лева рака се побројни меѓу оние кои имаат голема способност да се служат со зборовите, објасни Сем Ванг, професор по неврологија на универзитетот Принстон.
- Докажано е дека овие луѓе често имаат оригинален приод во решавање на проблемите. Левучарите ги користат двете мозочни хемисфери за се што е поврзано со говорот, што би можело да го објасни талентот на Обама, Клинтон и Реган за комуникација, додаде професорот Ванг.
Приврзаниците на Обама меѓу левучарите имаат основано и здружение „Левучарите за Обама“, кое на веб страницата Фејсбук привлекло повеќе од 620 членови.