Да не се случеше големата национална трагедија, тој 16-ти октомври 2007, кога животот го загуби најголемата македонска музичка ѕвезда на сите времиња – денес Тоше Проески би го славел својот 28-ми роденден.
Во таа чест, на Гумење во Крушево вчера беше поставен камен-темелник за спомен-куќа на Тоше Проески, ден пред неговиот роденден - 25 јануари. Во неа ќе бидат сместени сите значајни работи поврзани со животот и кариерата на најголемата македонска музичка ѕвезда, ќе биде пренесена собата на Тоше во Крушево, музичкото студио, сите предмети од куќата во скопско Злокуќани, неговиот омилен автомобил буба, облеката, музичките албуми, фотографии, награди, икони...
Изградбата ја финансира Владата и Министерството за култура. Објектот треба да се простира на околу 870 метри квадратни и ќе има форма на крст, според идејното архитектонско решение на авторите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски и соработникот Илија Божиновски. Минатата година тоа беше едногласно избрано меѓу десетте пријавени труда на меѓународниот конкурс што го распиша Министерството за култура.
Од буџетот за 2008 за спомен-куќата се одвоени осум милинои денари, но вкупната финансиска конструкција ќе зависи од финализацијата на проектот. Градежните работи ќе ги изведува Конструктор инженеринг ДД Сплит, под надзор на Евроконсалтинг.
Граѓаните од цела Македонија, но и од Балканот лани во јуни се потпишуваа во отворените книги во Крушево, кога во рамки на иницијативата Потпис за незаборав беа собрани над 5.000 потписи за изградба на спомен-куќата. Со петицијата се бараше надминување на застојот кој настана поради проблем со сопственоста и барањето откуп за руинираниот ресторан на државното земјиште каде што ќе се гради спомен-домот. Се работи за локација на која Тоше планирал да отвори музичко студио.
За 28-те години од раѓањето на Тоше, вечерва во Домот на АРМ во Скопје ќе биде промовиран и албумот на англиски јазик The Hardest Thing, со прв тираж од околу 150.000 примероци за пазарите во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија. Освен насловната The Hardest Thing, промовирана минатата година на Хрватскиот радиски фестивал, Арија - дуетот со италијанската пејачка Џана Нанини и дуетот со неговиот внук Кристијан (My Little One), што беше промовиран на концертот за Тоше во Скопје, албумот ќе содржи и други песни непознати за јавноста. Тие се снимени во Лондон, Јамајка и Ирска, во соработка со англискиот композитор Енди Рајт и требаше на Тоше да му ги отворат вратите на светската кариера. Албумот во наредната седмица ќе биде промовиран и во Белград, Загреб и Сараево.
Фановите на Тоше од шест земји во декември со гласање на интернет ја избраа и обвивката за осмиот, постхумно објавен албум, меѓу четирите понудени. Дизајнирана е од Жарко Стојановски, на неа е ликот на Тоше, а во темно сина позадина е Крушево во ноќ и небо на кое симболично се истакнува една, најсјајна ѕвезда. The Hardest Thing уште утре ќе биде пуштен во продажба, а од 12. февруари во киносалите во регионот ќе почне да се прикажува документарен филм за Тоше.
Од оваа година сите издавачи соработката ќе ја договараат со семејството на Тоше, зашто неговата менаџерка Лилјана Петровиќ и продукциската куќа Аворд на семејството Проески му ги подарија издавачките права на сите албуми и видеоспотови.
Судскиот процес за сообраќајната несреќа во која загина Тоше ќе продолжи во март. На последното рочиште минатиот месец вештаците укажаа дека причина за несреќата не е брзината, туку несоодветното реагирање на возачот на туарегот и оти не откажала ниедна од функциите на џипот. Адвокатот на возачот Ѓорги Георгиевски побара поништување на вештачењето од тројцата експерти и сведочење на возачот на камионот во кој фатално удри туарегот на Тоше.
Тодор Проески (1981-2007) загина на пат кон Загреб, во близина на Нова Градишка, на 16. октомври 2007 година. За една деценија стекна слава на голема музичка ѕвезда и стана идол на публиката од сите поранешни југословенски републики и пошироко на Балканот. Зад себе ги остави албумите: Некаде во ноќта (1999), Синот Божји (2000), Ако ме погледнеш во очи (2002), Ден за нас (2004), По тебе (2005), Божилак (2006) и Игри без граници (2007). Покрај музичката големина и талент, Тоше останува запаметен и по своите хумани дела, за што оправдано ја носеше титулата амбасадор на УНИЦЕФ. Последниот негов незаборавен концерт, на 5 октомври 2007 на Градскиот стадион во Скопје, имаше токму таква мисија.
Постхумно, Владата на Република Македонија го прогласи овој голем пејач за заслужен граѓанин на државата.